Проф. Др.Кочо Димитровски

назад
Стрес, имунитет и здравје

Врската меѓу стресот и имуниот систем е многу комплексна, при што се вклучени повеќе механизми, од кои некои сеуште не се откриени. Она што до денеска се знае е дека стресот е акцептиран од мозокот. Хипоталамусот (дел од мозокот) лачи хормони, кои ја стимулираат хипофизата, а таа лачењето на надбубрежните жлезди, при што се покачува нивото на кортикостероиди во крвта, особено кортизол. Директното влијание врз имунит систем се состои во тоа што кортизолот ја намалува продукцијата и активноста на белите крвни зрнца, како и на клетките природни убици кои се главната одбрана кон туморите.

Многу е важно да се разграничи што значи акутен, а што хроничен стрес. Акутниот стрес е корисен за организмот, во него првата фаза е „аларм“ која трае минути или часови, во која телото се подготвува за борба против причината која го предизвикала стресот. Ако стресот трае и понатаму се доаѓа во фаза во која телото ги насочува своите ресурси да ја одржи способноста за борба. Хроничниот стрес трае долго, ресурсите на организмот се истрошени и последиците од стресот почнуваат да се манифестораат на разни ткива и органи. Генерално, акутниот стрес ја зголемува, додека хроничниот стрес на намалува функционалноста на имуниот систем.

Како можеме да си помогнеме?

Многу често луѓето не ги превземаат вистинските мерки за решавање на хроничниот стрес. Во тие несоодветни мерки спаѓа и консумирањето на алкохол, во поголеми количини и долготрајно. Тоа дополнително доведува до нарушување на имуната функција. Од друга страна хроничното користење на алкохол, доведува и до активирање на каскадата на комплементот, а како последица се јавуваат промени во структурата и функцијата на клетките од црниот џигер.

Еден од погрешните чекори во решавање на хроничен стрес е и зголеменото пушење. Познато е дека вдишувањето чад, од цигари или оган, влијае на имуниот систем, промовирајќи воспалителен одговор. Кај пушачите на цигари, може да се открие и покачено ниво на IgE, кои се поврзани со тип-1 преосетливост, но за жал и кај пасивните пушачи членови на нивните семејства. Пушењето цигари го намалува природниот имун одговор кон патогените, промовирајќи инфекции и автоимуност. Заради тоа во светот се води широка кампања против пушењето.

Особено треба да се обрне внимание на врската стрес и возраст. Постарите луѓе се почувствителни на имуните промени предизвикани од стресот. И без присуство на стрес со стареењето се намалува моќта на имуниот систем, организмот неможе брзо и ефикасно да се справува со инфекциите, неуспева целосно да ги уништи внатрешно создадените туморски клетки и генерално организмот станува недоволно способен да се заштити самиот себе си.

Стареењето е процес кој се должи на постојано оштетување на клетките од страна на слободните радикали, кои се акумулираат со текот на времето. Слободните радикали се молекули кои изгубиле електрон од надворешната обвивка, а со цел да се стабилизираат тие се обидуваат да превземат електрон од други молекули, при што ги оштетуваат и нив. Процесот се проширува низ самата клетка, па врз соседните клетки.

Последицата од овој процес не е само стареење на организмот, туку и болестите поврзани со стареењето: канцер, артритис, атеросклероза, тромбози, Алцхајмерова болест, дијабет и други дегенеративни процеси. Слободните радикали предизвикуваат директно оштетување на ДНК кое од друга страна води кон активирање на имуниот систем кон „новосоздадените“ молекули во организмот - неоантигени, содавајќи антитела кон нив, односно се појаваат автоимуни болести.

Слободните радикали се ослободуваат во поголеми количини при: емотивен и физички стрес, аерозагадување, пушење, воспаление, УВ зрачење, консумирање обработена храна, лекови и друго.

Воспалителниот одговор на имуниот систем кон сопствените протеини, масти и ДНК оштетени од слободните радикали, е главна причина за најчестите болести на денешницата: атеросклероза и дегенерација на макулата (во окото) зависна од возраста. Во 2011 година се откри протеин кој се врзува за молекулите оштетени од слободните радикали, блокирајќи го понатамошното воспаление. Но, при состојба на оксидативен стрес, кога се надминати капацитетите на нормалните компензаторни механизми, значи дека на организмот треба да му се помогне.

Помошта се состои во антиоксиданси. Тоа се „добрите момци“ кои ги неутрализираат слободните радикали, а притоа самите не преоѓаат во слободни радикали, како што е случајот со останатите молекули. Има голем број на антиоксидански, дел од нив содржани во храната, но основен извор за доволни количини на антиоксиданси се додатоците на храната со антиоксидантно дејство. Во Јапонија има голема традиција во користење на алтернативната медицина нпр. органскиот германиум, кој се покажал како многу ефикасен антиоксиданс, кој ги намалува ефектите од стресот. Од друга страна органскиот германиум ги намалува потребите од кислород во органите, со што ги задоволува нивните кислородните потреби во разни сотојби која се тие нарушени. Секако дека значајна улога има во „подигањето“ на имуниот систем, преку зголемување на секреција на интерлеукини, со што се подобруваа комуникацијата меѓу имуните клетки, а со тоа и нивната ефикасност. Треба да се нагласи дека органскиот германиум не го активира имуниот систем, туку ја подига способноста на имуниот систем да функционира нормално и ефикасно.

Стресот не можеме да го спречиме, стареењето исто така, но можеме да ги дочекаме поподготвени. Ако организмот е во добра општа состојба тој полесно ќе се справи со стресот. Затоа препораката е да се елиминираат факторите кои дополнително му наштетуваат на организмот: алкохолот, пушењето. Да се фаворизираат факторите кои го потпомагаат справувањето со стресот: антиоксиданси, супституција со витамин-Д прилагодено за индивидуата, здрав начин на исхрана, доволно време за спиење.

Наместо заклучок: Хроничниот стрес е подмолен убиец, бидејќи потикнува појава на повеќе хронични болести. Тие доаѓаат споро, незабележително, без болки или други видливи надворешни симптоми. Имуниот систем е многу често медијаторот на оштетувањето на клетките. Докторите често ја занемаруваат превентивата на здравјето, иако за тоа е потребно само знаење, зборување и добра воља. Треба да се советува пациентот, со тоа што ќе му се објасни состојбата на неговото здравје и да му се даде препораката за оптимален животен стил, соодевтни антиоксиданси и индивудуална терапија со витамин-Д.