Здравје без цензура - Профил на липидите

назад

претходна 1 2 3 4 5 6 следна

Со оглед што холестеролот е липид, а крвта е претежно составена од вода, холестеролот е неопходен преносител за движење низ крвта. За таа цел, тој се здружува со одредени протеини. Протеините се однесуваат како „камиони“ - го собираат холестеролот и го пренесуваат до различни делови од телото.

Два најважни видови липопротеини се: липопротеините со голема густина (ХДЛ) и липопротеините со мала густина (ЛДЛ). Веројатно сте слушнале дека ЛДЛ холестеролот го нарекуваат „лош холестерол“, а ХДЛ холестеролот „добар“, заради нивните различни влијанија во организмот. Поголемото количество холестерол е ЛДЛ и тој е видот кој најпрво ќе ги затне крвните садови, спречувајќи ја на тој начин крвта нормално да тече низ организмот. Околу 1/3 до 1/4 од вкупното количество холестерол е ХДЛ холестерол.

ХДЛ холестеролот го носи холестеролот назад до црниот дроб, каде што тој се обработува и се исфрла надвор од организмот.

Триглецеридите се вид маснотии во крвта. Тие се главен извор на енергија и најчест вид маснотии во телото.

Во нормални околности, триглицеридите се неопходни за здравјето. Високото ниво на триглицериди честопати е дел од групата услови за т.н. метаболички синдром.

Метаболичкиот синдром е комбинација од покачен крвен притисок, зголемен шеќер во крвта, претерана телесна тежина (дебелина), намалено ниво на ХДЛ („добар“) холестерол и покачени триглицериди. Овој синдром вистински го зголемува ризикот од заболувања на срцето, како и дијабетес и мозочен удар.

Нешто за „добриот“ и „лошиот“ холестерол

ЛДЛ холестеролот е наречен „лош холестерол“ зашто покачените нивоа на ЛДЛ создаваат наслаги од холестерол на ѕидовите на крвните садови.

ХДЛ е наречен „добар холестерол“ затоа што е во состојба да го извлече холестеролот од крвта и да го пренесе до црниот дроб.

Високи концентрации на ЛДЛ и низок ХДЛ се опасни. Поради тоа стручњаците го нарекуваат овој дисбаланс дислипидемија.

Многу често се мери вкупниот холестерол во крвта, што е многу полесно отколку мерење на ЛДЛ и ХДЛ, коешто може да се изведе само во услови на гладување. Високото ниво на вкупен холестерол често укажува на зголемен ЛДЛ. Во случај на зголемен вкупен холестерол има смисла да се мерат и вредностите на ЛДЛ и ХДЛ заради добивање подобра слика за степенот на ризик.

ВАЖНО

• ЛДЛ треба да биде низок
• ХДЛ треба да биде висок

Нешто за триглицеридите

profil na lipidite

Триглицеридите се хемиски облик во кој се наоѓаат повеќето масти во храната, но и во организмот. Присутни се исто така и во крвната плазма, и во комбинација со холестеролот, ги создаваат липидите на плазмата.

Триглицеридите во плазмата се добиени од маснотиите внесени преку храната, или од други видови енергија во телото, како јаглегхидратите. Калориите внесени со оброкот што ткивата нема да ги искористат веднаш, се претвораат во триглицериди и се транспортираат во масните клетки, каде што се складираат и чуваат. Хормоните го регулираат отпуштањето на триглицеридите од масното ткиво и така ги задоволуваат енергетските потреби на организмот помеѓу оброците.

profil na lipidite

Вишокот триглицериди во плазмата се нарекува хипертриглицеридемија. Таа е поврзана со појавата на коронарни артериски заболувања кај некои луѓе. Покачените триглицериди може да бидат последица и на други заболувања, како што е нетретиран diabetes mellitus.

Како и холестеролот, зголемувањето на нивото на триглицеридите може да се детектира со анализа на плазмата. Овие анализи треба да се прават по еднодневен пост, воздржување од храна и алкохол.

претходна 1 2 3 4 5 6 следна