Стоп за остеопорозата, напред за здравите коски!

назад

проф. д-р Љупчо Каревски, ортопедски хирург

Коските постојано се изградуваат и разградуваат. Кога разградувањето е поизразено доаѓа до намалување на густината на коскеното ткиво. Остеопорозата е заболување на коските, поточно на сунѓерастото ткиво кое е носач на оптеретувањата на организмот заедно со зглобовите и моталитетот на организмот.

Кои фактори придонесуваат за појава на остеопороза?

Има повеќе фактори, но најзначајни се: годините, полот, исхраната, физичката неактивност.

Дали превентивата и навремената дијагностика се клуч за успешно лекување на оваа хронична болест?

Несомнено. Дијагнозата на остеопороза се врши пред сè, преку разговор со пациентот при што се добиваат многу податоци од ризик факторите. Но, клучно златно правило е таканаречената дексадензитометрија. Дексадензитометар е компјутеризиран апарат за мерење на густината на коскеното ткиво. До неодамна се веруваше дека со овој апарат се добиваат точни податоци за ризикот од скршеници но, тоа е со точност од 80%. Денеска во светот се оди кон одредување на уште поточна дијагноза со елиминирање на тие останати 20% за точно и прецизно да се дијагностицира. Остеопорозата е тивка, скриена болест и се открива кога ќе се јават скршеници.

Во што се состои новината на денешното навремено дијагностицирање?

Новината е што ова испитување со дексадензитометар треба да се направи пред појавата на алармантната фаза на осеопорозата т.е. пред да се појават скршениците. Ново е што апаратите се посовршени така што, покрај како до сега испитување на густината на ткивото, самиот апарат прави и некои софтверски пресметки со кои што ни дава дополнителни информации. Преку нив се препознава текстурата од добиената аналитика со апаратот. Лекувањето на остеопорозата треба да ја згусне коската, додека порано беше важно само да се добие поголема густина. Денес е важно и како таа се добива, односно како оди распоредувањето на коскените гредички. Всушност, тоа се прави со новините во апаратот ДХА дензитометар. Не е важно само колку маса е добиена во коската туку како таа е дистибуирана во гредички. Од тоа ќе зависи и степенот на ризик од скршеници.

Каде најчесто се појавуваат скршениците?

На рбетот, колковите, долгите коски. Болеста ги зафаќа повеќе жените во постменопауза и после 60-годишна возраст како и мажите после 70-годишна возраст. Со новините во дијагностиката и следењето на лекувањето со помош на новиот софтвер на ДХА дензитометарот се намалува степенот на скршеници и се намалуваат потребните хируршки интервенции од типот на ставање на вештачки колк и слично.

Кое е својството на современата терапија за лекување на остеопороза?

Лекувањето порано одеше послабо, но со тек на време се подобруваше. Тоа е благодарение на лековите бифосфонати кои пациентите ги познаваат. Но, овие лекови се покажаа многу троми. Денес терапијата вклучува употреба на моноклонални антитела кои се специфично наменети за лекување на остеопорозата и кои имаат сосем друг механизам на делување. Лекот не треба да се инкорпорира во коската како кај бифосфонатите, туку се блокираат медијаторните супстанции за онаа клетката која ги користи за да стане активна и да ја топи коската. Со овие лекови не сме веќе убијци, туку сме имобилизатори. Наскоро и кај нас во Македонија на пазарот ќе се појават лекови за остеопороза од групата на моноклонални антитела.

Можно ли е превентивно делување?

Се разбира. Клучен фактор е исхраната која треба да содржи белковини, кои се материјал за изградба на коската. Ние направивме и една аналитика за употребата на антиоксиданси. Се утврди дека користењето антиоксиданси како што е органскиот германиум или попознат како Ге132 го елиминира ризикот од остеопороза и го смалува стресот. Притоа, тој обезбедува подобро зараснување дури и на рани, затоа што за организмот рана е рана без разлика дали е предизвикана од скалпер при хируршка интервенција или не. Она што е многу важно е фактот дека антиоксидансите не треба да се земаат кратко време туку подолготрајно со цел организмот да го почувствува нивниот позитивен ефект.